homepage contact
     
     

 

Учество на меѓународен курс “Youth Encounter on Sustainability (YES) Slovakia 2007”

Во периодот од 24 август  до 10 септември 2007 во Виничне (близина на Братислава, во Словачка) се одржа меѓународниот курс “ Соочување на младите за одржлив развој – Youth Encounter on Sustainability “ на кој земаа учество 35 учесници од 26 земји од светот како што се Холандија, Шпанија, Латвија, Унгарија, Србија, Црна Гора, Македонија, Словачка, Чешка, Турција, Ерменија, Индија, Тајланд, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Јапонија, Кенија, Танзанија, Аргентина, Колумбија, Еквадор, Мексико, САД, Канада и Швајцарија . Целта на овој курс беше да се донесат на едно место различни учесници од различни заедници и да се направи една група од разновидни идни “лидери“ (најчесто млади интелектуалци со различни професии) кои заедно ќе учат,  дискутираат и дебитираат на поставени теми и задачи и ќе ја промовираат филозофијата на одржливиот развој кога ќе се вратат во своите средини на живеење.

Курсот беше воден од меѓународен тим на фацилиратори кои на учесниците им понудија предавања, обука, работилници и практични искуства од областа на одржливиот развој како и можност да се работи како тим на сите учесници. Овој курс беше финансиски помогнат од страна на Федералниот Инситут за Технологија од Цирих (Швајцарија), во организација на Центарот за Одржливост (ETH Sustainability) од Цирих во соработка на Comenius University, Faculty of Management in Bratislava (Slovakia), MIT Boston (USA), Technical University of Vienna (Austria), Centre of Ethnic Studies in Vilinius (Lithuania) и Technical University of Novi Sad (Serbia) и различни други поканети гости предавачи од невладините организации и приватниот сектор.

Целата програма за овој курс беше базирана на темата “ Живот за 10 милијарди луѓе“ како водилка за размислување и предмет на дискусија за одржлив развој и правилно искористување и распределување на природните ресурси во светот.
Курсот беше поделен во 4 модули за работа низ кои се водеше работата:
МОДУЛ 1  - Концептот на одржливост: вовед и основни поими;
МОДУЛ 2 – Основни системи: природни системи/човечки системи
МОДУЛ 3 – Физички потреби : 3 главни теми од кои зависи човечкиот живот – фундаменти на нашето постоење и егзистирање
3.1. Енергија и Материјали
3.2. Исхрана и Здравје
3.3. Простор за живеење
МОДУЛ 4 -  Психо-социјални потреби: достапност до фундаменталните физички потреби за живот, исполнување на стратегиите за подобрување на условите за живот, очекувања од услугите за квалитетен живот.

Целиот концепт на курсот помина преку предавања, работилници и дискусии на различни теми поврзани со четирите модули преку теми за: климата и климатските промени, биодиверзитетот, управување со водните ресурси, почвата и производството на храна, зголемување на бројот на човековата популација, политичката стабилност, сиромаштијата, економските аспекти на развојот, едукацијата на населението, социјалните разлики, улогата на граѓанското движење, националните и меѓународните политики, како и културните и религиските разлики меѓу жителите на планетата. Целата концепција на курсот беше пропратена со работни задачи и посети на компании во Словачка кои имаат имплементирано нови и чисти технологии кои водат интегрален приод на развојот во духот на идејата за одржлив развој.

Организацијата на овој курс беше изведена на високо професионално ниво, од изборот на учесниците, изборот на предвачите, изборот на компаниите за посета до изборот на локацијата за одржување на овој курс. Методологија и пристапот кон темите опфатени со курсот беше добро избалансиран од секакви помагала како и со документирани видео материјали за поткрепување на тезата на одржливиот развој. Во таа прилика беа презентирани неколку документарни филмови на теми од одржливиот развој како и (не)контролираното искористување на природните ресури и дизбалансот кој го предизвикуваат на планетата и како тоа се одразува врз квалитетот на нашето живеење.

Диверзитетот на различни култури и заедници кои ги претставуваа учесниците на овој курс беше посебен предизвик за организаторите но и за самите учесници. Тоа беше одлична можност за запознавање и почитување на разликите на другите нации и култури и сите да учат и дискутираат за заедничка идеја за подобар свет кој ќе биде управуван и воден во духот, филозофијата и принципите на одржливиот развој, кој иако како навидум изгледа како утопија или еден нереален поглед кон иднината на светот, но сепак е дојден моментот кога нашата свест треба да биде свртена кон идејата за развој кој ќе биде одржлив како единствена алтернатива за нашата иднина и за генерациите кои доаѓаат по нас.

Покрај ова, други придобивки за сите учесници е можноста да се развијат долгорочни пријателства и соработка на глобално ниво со различни делови од светот. Во таа насока ЦЕЛОР оствари соработка со организаторот на овој курс Центарот за Одржливост (ETH Sustainability) од Цирих за промовирање на нивните активности во Македонија, така што во иднина ваквите и слични курсеви кои ќе ги организира ETH Sustainability од Цирих, ЦЕЛОР ќе ги објавува и ќе им помага на оние кои се заинтересирани да учествуваат на ваквите настани.

Фотогалерија од настанот >>

 

Powered by:
Copyright 2006-2008© CELOR, сите права се задржани